Од државите на Европската унија во Тирана денеска се вратени 104 државјани на Албанија, кои ги прекршиле правилата за престој во земјите на ЕУ или барале азил.

Според извештај на албанската државна полиција, завршена е уште една операција на доброволно враќање на граѓани кои побарале азил или прекршиле правило за престој во шенген просторот, а во неа учествувале полициите на Франција, Белгија и Германија, пренесе АТА.

Попладнево 104 албански државјани се вратени во татковината со два чартер лета од Франција и Германија, во рамки на заедничкиот европски проект што го реализираа Франција, Белгија и Германија во соработка со ФРОНТЕКС и со подршка на албанска придружба.

Од вкупниот број депорторани, од Франција се вратени 15 , од Белгија пет и од Германија се вратени 84 албански државјани.

Операцијата на репатријација ќе продолжи и во следните недели, па државната полиција уште еднаш апелираше до сите албански државјани кои патуваат во земјите на ЕУ да ги почитуваат правилата за движење во шенгенскиот простор и да не се обидуваат да бараат азил бидејќи шанските тоа и да го остварат им се никакви.


Администратор
10/09/2019 22:17