Околу 4.000 слободни места има на 12 факултети и трите Академии, информираше на денешната прес-конференција ректорот на УГД-Штип, Блажо Боев.
– Уписите почнуваа на 26 -ти август и ќе траат цела недела. Сакам да ги информирам идните студенти, завршени средношколци, кои имаат намера да добијат квалитетно образование во нашата држава, кои имаат намера да стекнат компетенции за времето кое доаѓа и се применливи, да дојдат и да аплицираат на Универзитетот „Гоце Делчев"-Штип. Станува збор за Универзитет кој дава квалитетно образование, вие знаете дека пред неколку дена се пренесе информацијата за новоро рангирање од страна ан Шангајскиот универзитет во Кина, а каде што ние како Универзитет сме рангирани на второ место во нашата држава, вели Боев.
Забележа дека идните студенти можат да аплицираат освен во Штип и во дисперзираните центри во Струмица, Скопје, Кавадарци и Прилеп.
Смета дека и оваа година како најатрактивен факултет останува медицинскиот, каде слободни места на сите студиски програми има за 700 идни бруцоши.
Ректорот Боев оцени дека иднината на Универзитетот е интернационализација на програмите, односно студентите од странство да ги слушаат предавањата на англиски јазик. За оваа акдемска година имаат 120 странски студенти, кои една година го изучувале македонскиот јазик, а сега можат да аплицираат на еден од факултетите или академиите.
На штипскиот универзитет студираат над 300 странски студенти.