Кинескиот дневен весник „Глобал тајмс“ денеска објави дека евентуална воена интервенција во Хонг Конг нема да биде реприза на масакрот што го изврши армијата на плоштадот Тиананмен во Пекинг во јуни 1989 година.

Инаку, задушувањето на протестот на Тиананмен е забранета тема во Кина.

– Пекинг нема одлучено дали ќе интервенира со сила за да го сузбие бунтот во Хонг Конг, но очигледно размислува за таква можност. Дури и ако комунистичкиот режим одлучи да испрати војска на демонстрантите, Хонг Конг нема да биде реприза на политичкиот инцидент што се случи на 4 јуни 1989 година, објави „Глобал тајмс“, кој излегува на англиски јазик, на насловната страница.

Никогаш не се објавени службени податоци за тоа колку луѓе загинаа на плоштадот Тиананмен, а процените се движат од неколку стотина до повеќе од илјада загинати.

Весникот не наведува како евентуално би се сузбиле двомесечните протести во Хонг Конг туку за долгорочните дипломатски последици кои би ги имал Пекинг ако воено интервенира.

– Вашингтон нема да може да ја заплаши Кина користејќи се со немирите од пред 30 години. Кина е многу посилна, позрела и поспособна да управува со тешките ситуации, објави денеска „Народен дневник“, весникот на Кинеската комунистичка партија.

По крвопролевањето на плоштадот Тиананмен, каде демонстрантите бараа поголема демократија, Кина беше изолирана од меѓународната заедница, а нејзината економија стагнираше две години.

Претходно, советникот за национална безбедност во Белата куќа, Џон Болтон потсети на репресијата од 1989 година.

– Кинезите мора силно да внимаваат на чекорите што ги прават бидејќи Американците се сеќаваат на Тиананмен. Продолжување на слични спомени во Хонг Конг би била голема грешка, посочи Болтон во вчерашното интервју за Гласот на Америка.


Администратор
16/08/2019 11:58