Единственото обвинение покренато после 30 јуни 2017 година е покренато исклучиво против ВМРО-ДПМНЕ и тоа е предметот Талир, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во Топ Тема на Телма Телевизија.
Мицкоски истакна дека целта на тоа обвинение после законскиот рок на СЈО е тоа што не можат на поинаков начин да го победат ВМРО-ДПМНЕ, и затоа го форсираат тој предмет за најпрвин да му извршат забрана за политичко дејствување, а потоа и да го забранат ВМРО-ДПМНЕ.
Тоа што тужителите од СДСМ и главниот јавен тужител од СДСМ не успеале во рамките на законскиот рок да докажат и да донесат пресуди тоа е нивен неуспех и минус, а притоа потрошиле милиони народни пари и сега бараат продолжување на тој рок за повторно да ги уживаат тие привилегии, потенцираше Мицкоски.
Мицкоски додаде и дека кредибилитетот на вработените во СЈО е целосно нарушен:
- После сите шпекулации во јавноста, полувистини а можеби и целосни вистини, кредибилитетот на таа институција и тие луѓе кои што се внатре е доведена во прашање. Се плашам дека во периодот што следува голем дел од тој нарушен кредибилитет ќе излезе во јавноста и поради тоа стравувам и загрижен сум каква ќе биде иднината на тие луѓе, како луѓе, не како професионалци бидејќи се докажани непрофесионалци, заклучи Мицкоски.