Во рамки на повеќедневната посета на збратимениот град Подгорица, Шилегов оствари билатерална средба со градоначалникот Иван Вуковиќ. На средбата присуствуваше и Викторија Аврамовска-Мадиќ, Сектретар на Град Скопје, како и членовите на Советот на Град Скопје Соња Глинџарска, Лука Кржалоски и Ибуш Јусуфи.

На средбата градоначалниците дискутираа за досегашната соработка меѓу двата збратимени града, како и областите каде што може да се продлабочи истата. Градот Скопје и Градот Подгорица се збратимени од 2008 година и двата града соработуваат и разменуваат позитивни искуства, особено за прашања од комуналната сфера и градските проблеми. Градоначалниците како области во кои може да се интензивира соработката ги издвоија спортот, образованието, културата и туризмот.

Градоначалникот Шилегов на средбата најави дека во наредниот период Град Скопје ќе донесе одлука со која една од градските улици ќе го носи името Подгоричка.

Минатата година градоначалникот на Подгорица, Иван Вуковиќ, го посети Скопје и присуствуваше на манифестацијата за одбележувањето на 13 Ноември – Денот на ослободување на Скопје.


Администратор
15/05/2019 19:59