Продолжува зелената офанзива во Карпош. Нови паркови и зелени површини се предвидени на повеќе локации: спроти хотел „Карпош“ на улицата „Шекспирова“ се планира хортикултурно уредување (засадување на нови цвеќиња, украсни грмушки и дрвја). Во продолжение на овој појас, целосно ќе се облагороди и разубави делот околу Драмски театар и пред Тинекс маркетот, во Карпош 2.

Дополнително, со ново зеленило ќе се уреди и потегот долж булеварот „8. Септември“ (кај зградата на Настел), како и делот од спротива, зелениот појас кај комплексот „Македонија“ и лабораторијата „Авицена“. Исто така, ќе се разубави потегот на ул. Љубљанска, поточно, зеленилото спроти кафе барот „Чаптер“.

Ова е заклучено на денешната работна средба меѓу градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев со директорот на ЈП Паркови и зеленило, Адријан Муча и оперативниот директор на ова јавно претпријатие, Игор Вељаноски.

Горенавадените проекти се меѓу програмските активности на ЈП Паркови и зеленило, за оваа година, при што наскоро ќе почнат со изведба.

На средбата се разговараше и за изградба на Спортско – Адреналинскиот парк кој ќе биде лоциран долж Кејот на Вардар (од вештачката карпа до бунарите на р. Лепенец).

- Имаме шанса да добиеме нови „бели дробови“ не само за Карпош, туку за целиот град. Нашата намера е да започнеме со изведба на содржинскиот дел од паркот и веќе добивме грант од Светска банка за оваа намена, но потоа, целосно да го уредиме и продолжението на овој потег, за што ни е потребна поддршка од страна на ЈП Паркови и зеленило и градските власти, рече Богоев.

Идејата за зголемување на зелениот појас долж Вардар ја поздравија претставниците на јавното претпријатие, а директорот Муча посочи дека Општината може да смета на поддршката за целосна изградба на паркот.

Во меѓувреме, Општина Карпош ја планира и новата пролетна акција за засадување на нови, веќе развиени дрвја во различни урбани заедници.

Одделение за односи со јавноста ОПШТИНА КАРПОШ


Администратор
01/04/2019 17:08