По вчерашната одлука на Централниот комитет на Единствена Македонија, партијата да учествува на претседателските избори, имам силна обврска да одговорам зошто е потребно масовно излегување на изборите оти бојкотот е во корист на Зоран Заев и Али Ахмети.

Еве ги фактите за тоа:

Собранието на седницата од 9 јануари 2009 со донесувањето на амандманот XXXI на Уставот го намали цензусот на излезност на 40 отсто, односно, претседателот во вториот круг се избира со мнозинство од избирачите кои гласале, доколку гласале повеќе од 40 отсто од избирачите. Во Македонија во моментот има 1.806.336 избирачи и уште од сега е јасно дека во вториот круг ќе има излезност од 40 отсто (722.534 избирачи).

Пишувам за вториот круг од причина што, било кој кандидат не може да победи во првиот круг оти за тоа е потребно да освои мнозинство гласови од вкупниот број избирачи, односно, еден кандидат да освои во првиот круг 903.169 гласови е неизводливо и затоа уште од сега е јасно дека се ќе се решава во вториот круг.

Значи, со бојкотирањето овозможуваме Зоран Заев и Али Ахмети да изнесат на избори во вториот круг 722.534 избирачи што е сигурно дека ќе се случи и да победи нивниот кандидат кој добива петгодишен мандат, а што значи ова не треба посебно да се елаборира.

Меѓутоа, ете да претпоставиме дека бојкотот ќе биде успешен, односно, во вториот круг нема да излезат 722.534 избирачи. Тоа е пак во корист на Заев и Ахмети и можни се две ситуации.

Прво, да се повтори целата изборна постапка што ќе трате околу 6 месеци а за тоа време и во услови кога мандатот на Ѓорге Иванов завршува на 12 мај, функцијата претседател ја извршува претседателот на Собранието (член 82 од Уставот). Што значи Талат Џафери како претседател на државата на сите ни е јасно и не гледам причина за подетално образложение.

Второ, можно е власта кога веќе има двотретинско мнозинство да го промени уставниот модел и да избере претседател на државата во Собранието. Во таков случај многу е веројатно дека ќе се воведе и функцијата заменик претседател и во иднина ќе се ротираат Македонец и Албанец како претседател и заменик претседател.

Со еден збор, бојкотирањето на изборите и доколку биде успешно и доколку биде неуспешно му помага само на Заев и Ахмети да имаат свој претседател во наредните пет години.

Затоа, потребно е масовно излегување на изборите и победа во вториот круг на кандидатот на опозицијата. Постои страв кај Македонците од поделеност, но, треба да се знае дека во првиот круг нека има и десет кандидати, погоре спомнав зошто во првиот круг ќе нема победник.

Битно е во вториот круг да влезе опозицискиот кандидат со определба веднаш по победата да започне постапка за поништување на договорот за промена на името, двојазичноста, враќање на Македонија на изворните илинденски и асномски традиции...Во вториот круг каде ќе има само двајца кандидати, доколку Македонците и сите лојални граѓани масовно гласат, уште од сега сум сигурен дека ќе го победиме кандидатот на Заев и Ахмети.

За крај, збор-два и за стравот дека со гласањето на ливчето се признавал легитимитетот на власта, па изборите ќе биле фалсификувани...

Согласно договорот за промена на името сега започнува постапката за менување на личните документи, како на пример, лична карта и пасош. Значи, лицата кои велат дека бојкотираат бидејќи не признаваат легитимитет, сега ќе носат во џеб лична карта и пасош на Република Северна Македонија. Лудост е да се верува дека некој би можел да бојкотира и лична карта оти животот без лична карта/пасош ќе му стане пекол, ќе биде целосно блокиран во правниот промет без можност да оствари било какво законско право. А има ли поголемо признавање на легитимитетот на марионетската власт од лична карта/пасош со Северна Македонија во услови кога има кандидат за претседател кој е спремен да започне постапка сето тоа да се поништи!?

Околу можниот фалсификат, таква психоза се створи и за време на референдумот, па, не илезе така. Наместо да паничиме, еве повикувам да се јават доброволци и да овластиме на избирачките места не по еден, туку, ако треба и по тројца, па да видиме како ќе се фалсификува на денот на изборите во присуство на наши набљудувачи.

Се разбира, идеално е да ги покриеме со набљудувачи сите 3.478 избирачки места во 80-те општини доколку има спремни Македонци со големо „М“. Не е на одмет да спомнам дека согласно Изборниот законик како партија можеме да овластиме набљудувачи за разлика од референдумот, бидејќи, согласно Законот за референдум во избирачките одбори има само по тројца од администрација.

Како заклучок. Генерално, не е спорно дека е отворен патот на било која народна македонска власт во иднина да го поништи Договорот за промена на името. Но, бојкотирањето на претстојните избори е во корист само на Зоран Заев, Али Ахмети и нивните странски газди. Потребно е масовно да излеземе и да го подржиме кандидатот на опозицијата кој по победата започнува постапка за Македонија каква што ја посакуваме. Време е за претседател на Македонците а не на странците. Ние го правиме очекуваниот потег. На ред е народот!


Администратор
11/02/2019 15:15