Во Универзитетската библиотека „Св. Климент Охридски“ во Скопје, се одржа свеченост по повод одбележувањето на кинеската Нова година во организација на Институтот Конфуциј.
– Во кинескиот календар, годината на кучето штотуку помина, а сега ја славиме Новата година на свињата. За Институтот „Конфуциј“ направивме голем напредок минатата година. Успешно одржавме преку 20 културни активности, вклучително и петгодишнината на Институтот, пролетниот фестивал Гала, денот на Институтот и така натаму, истакна Лијао Веи, кинескиот директор на Институтот.
Директор на Институтот „Конфуциј“, Влатко Стоилков посочи дека Институтот е дел од големото семејство од 548 Конфуциј институти во 154 земји во светот и како што рече, со денешниот настан ќе се придружиме кон одбележувањето на кинеската Нова година во НР Кина и ширум светот.
Појасни дека во 2019 година кинеската новогодишна ноќ е на 4 февруари, а првиот ден од Новата година е денеска, на 5 февруари, кога започнува година на свињата. Според кинескиот календар 2019-та година е 4717-та година.
Кинеските новогодишни празници траат 15 дена, а секој ден има посебни обреди и обичаи. Кинеската Нова година уште се нарекува и празник на пролетта и е најзначајниот традиционален кинески празник.
Свеченоста се заокружи со читање кинеска поезија, изведба на песни и приредби.