Подрачното основно училиште „Гоце Делчев“ во Долно Лисиче од оваа грејна сезона почна да користи пелети за греење, заменувајќи го досегашниот систем на нафта. Котелот на пелети го набавија општина Аеродром и Бирото за регионален развој со заеднички средства.

Градоначалникот на општина Аеродром Златко Марин и заменик-министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули денеска го посетија училиштето и извршија увид на новиот котел што работи на пелети.

– Ова е прво училиште во општина Аеродром што премина на ваков систем на загревање и се надевам дека во наредниот период и другите училишта во нашата општина што се загреваат на нафта ќе го следат овој пример, изјави Марин.

Тој додаде дека се очекува трошоците за греење на објектот да бидат преполовени и со ваквиот начин на загревање ќе се даде голем придонес за намалување на загадувањето на животната средина и на амбиенталниот воздух.

Заменик-министерот Макрадули го поздрави преминот на еколошки начин на затоплување во училиштето.

– Ова е добар пример како општина Аеродром го следи владиниот план за чист воздух, кој пред два дена доби голема меѓународна поддршка на министерскиот состанок на Југоисточна Европа, изјави Макрадули. Додаде дека новиот еколошки извор на затоплување во ОУ „Гоце Делчев“ го оправдува мотото „штедиме средства и ја чуваме животната средина“.


Администратор
06/12/2018 18:05