Делегација предводена од гувернерката на Народната банка на Република Македонија, Анита Ангеловска-Бежоска и министерот за финансии, Драган Тевдовски учествува на редовните Годишни средби на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и Светската банка (СБ) во Индонезија.

Предвидено е делегацијата да оствари средби со високи претставници од Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и групацијата на Светската банка (СБ).

Во рамки на средбите закажани се состаноци со извршниот директор на СБ, Френк Хемскирк, директорката за Југоисточна Европа на СБ, Линда ван Гелдер, потпретседателот на Светската банка, Сирил Мулер, извршниот директор на ММФ, Ентони де Ланој, директорот на Дирекцијата за Европа на ММФ, Пол Томсен, потпретседателите на ИФЦ, Џорџина Бејкер и Вибке Шломер, менаџерски тимови од инвестициски фондови и банки, како и со други високи претставници.

Во текот на утрешниот ден министерот Тевдовски ќе зборува на настан од високо ниво, кој ќе го отвори генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш.

Како што соопшти Министерството за финансии Тевдовски ќе говори на тема „Спроведување на целите за одржлив развој во светот кој се менува: локализација, инклузивност и инвестирање во резултати“. Тој ќе се осврне на целите за одржлив раст и реформите кои се прават во земјава за нивно остварување.

На овој настан свое обраќање предвидено е да имаат и генералниот секретар на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) Анхел Гурија, претседателот на Европската инвестициска банка (ЕИБ) Вернер Хојер и извршниот директор на Светската програма за храна (ВФТ) Дејвид Бизли.

Годишните средби на ММФ и Светската банка се одржуваат секоја година. На средбите, на кои учествуваат министри за финансии и гувернери на централните банки на земјите членки, се дискутира за актуелните случувања во светската економија и на теми како намалувањето на сиромаштијата и потикнувањето на економскиот раст.


Администратор
11/10/2018 09:53