Потпретседателот на косовската Влада Енвер Хоџај, на денешната седница на собраниската Комисија за надворешни работи, изјави дека формирањето на Заедницата на општини со мнозинско српско население и полноправното зачленување на Косово во Организацијата на обединетите нации (ООН) треба да се одвиваат паралелно, јави дописникот на МИА од Приштина.
- Што се однесува до ОН и Заедницата, мојот став, не само во 2018, туку и во 2015 година беше дека ние би требало еден модел на заедницата да го интегрираме во еден поголем договор кој би ги нормализирал односите меѓу Косово и Србија. Брзината на формирање на заедницата треба да соодветствува со добивањето столче во ОН, односно де факто формирањето на заедницата треба да се одвива паралелно со зачленувањето во ОН, рече актуелниот вицепремиер и поранешен шеф на косовската дипломатија.
На денешниот состанок на Хоџај со парламентарната Комисија за надворешни работи, станало збор, меѓу другото, за заедничкиот состанок на владите на Косово и на Македонија, кој од двете страни е најавен дека ќе се одржи наскоро и на кој е најавено потпишување на 15 меѓудржавни договори, како и за регионалната соработка, соработката со Албанија, односите со Србија и други теми од надворешната политика.