Претседателот на Иран, Хасан Рохани вечерва изјави дека Иран ќе се придржува до Договорот за иранската нуклеарна програма и покрај повлекувањето на САД од мултилатералната спогодба.
- Ние сега наместо договор со шест држави, сега имаме договор со пет, истакна Рохани, додавајќи оти Иран „нема да му дозволи на Трамп да победи во оваа психолошка војна“.
Изјавата на Рохани уследи откако американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека САД се повлекуваат од Договорот за иранската нуклеарна програма и најави возобновување на санкциите кон Иран, кои беа укинати согласно документот.
Договорот за иранската нуклеарна програма во 2015 година го потпишаа Иран и петте постојани земји членки на Советот за безбедност на ОН - Велика Британија, Кина, Русија, САД и Франција плус Германија. Со Договорот, официјално наречен Заеднички сеопфатен акциски план, Иран се согласи на ограничување на својата нуклеарна програма во замена за укинување на меѓународните санкции кон земјата.