Мајк Помпео денеска официјално ја презеде должноста американски државен секретар, на свечена церемонија одржана во Стејт департментот на која присуствуваше и претседателот на САД, Доналд Трамп.

Помпео во четвртокот положи заклетва за стапување на должноста пред врховниот судија Самуел Алито, по што веднаш замина на посети во Брисел и на Блискиот Исток.

При преземањето на должноста Помпео, кој е поранешен директор на американската Централна разузнавачка агенција (ЦИА), најави дека ќе му даде нов живот на Стејт департментот и дека ќе го обнови неговото реноме.

- Мојата мисија е да ве водам, им порача Помпео на присутни вработени во Стејт департментот.

Осврнувајќи се на меѓународни прашања, Помпо истакна дека напорите за решавање на кризата околу Северна Кореја се во рана фаза, но дека сега се создадени можности без преседан за промени во односите на Корејскиот Полуостров.

Тој нагласи дека ќе се ангажира за итно запирање на севернокорејската програма за развој на оружје за масовно уништување, додавајќи дека актуелната Администрација на САД „нема да ги повтори грешките од минатото и ќе ги држи очите широко отворени“.

- Лош договор не е опција. Решени сме да постигнеме траен, подложен на проверки и неотповиклив прекин на севернокорејската програма за масовно уништување и да го направиме тоа без одлагање, изјави Помпео, говорејќи за претстојната средба на Трамп со севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун.