Директорот на Царинската управа Ѓоко Танасоски денеска на прес-конференција информираше за акцијата на царинските службеници на граничниот премин „Богородица“ во која беа запленети околу 300 килограми марихуана наменета за нарко-пазарите во земјите од Западна Европа со пазарна вредност од околу 800 илјади евра.
Танасоски посочи дека на 28 јануари 2018 година осомничениот Е.П. (36) грчки државјанин кој управувал камион со грчки регистарски таблички при влез пријавил за царинење дел стока натоварена во Атина и ориз од Камбоџа, а цариниците при претресот ја откриле дрогата.
– Осомничениот Е.П. е лишен од слобода, а Царинската управа до надлежното Основно јавно обвинителство поднесе кривична пријава за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори, изјави Танасоски.
Запленетата дрога била сокриена во 75 алуминиумски вреќи обвиткани со проѕирна стреч-фолија меѓу вкупно 95 полиетиленски вреќи кои според фактурата требало да бидат наполнети со ориз.