Началниците на генералштабови на армиите од земјите членки Јадранската повелба и САД (А-5), претпладнево ја почнаа конференцијата на која се расправа за проширување на соработката меѓу државите од А-5 за целосна НАТО интеграција и придонес за безбедноста на Алијансата.
Конференцијата ја отвори началникот на ГШ на АРМ генерал-потполковник Методија Величковски.
- Со нашите партнери и пријатели сме одлучни и посветени на Американско - јадранската иницијатива, и подготвени да ги споделиме нашите искуства и перспективи, како и да ја прошириме соработката за целосна НАТО интеграција и придонес за безбедноста на Алијансата, рече генерал Величковски.
Тој им се заблагодари на началниците на генералштабовите присутни на конференцијата, кои овозможиле Македонија да биде копретседавач на 25-годишнината од формирањето на АРМ.
Собирот продолжува со обраќање на заменик командантот на командата на Армијата на САД за Европа генерал потполковник Тимоти Реј, а пред учесниците ќе говори и претседателот на Република Македонија и Врховен командант на вооружените сили, Ѓорге Иванов.
На конференцијата, покрај НГШ Величковски како домаќин, учествуваат и началниците на генералштабовите на вооружените сили на Албанија бригаден генерал Бардил Колчаку, на Босна и Херцеговина генерал-потполковник Анто Јелеч, директорот на ГШ на Хрватска Адмирал Роберт Храњ и НГШ на војската на Црна Гора, бригаден генерал Илија Даковиќ.
Како набљудувачи на конференцијата се поканети и високи воени претставници од генералштабовите на Словенија, Србија и на Косовските безбедносни сили, како и командантите на националните гарди од сојузните држави на САД, кои се партнери на земјите од А-5 и тоа: Вермонт, Минесота, Ајова, Мериленд, Охајо, Колорадо, Њу Џерси и Мејн.