Комисијата составена од Министерството за правда денеска вршеше ревизија на Автоматизираниот информациски систем за управување со судските предмети (АКМИС) во скопскиот Кривичниот суд.
Судијата Лазар Нанев, кој е назначен за претседател на Комисијата од Министерството за правда, по излегување од Судот изјави дека треба да ја утврдат состојбата со распределувањето на предмети кај одредени судии.
– Од министерот за правда беше донесено решение за формирање Комисија врз основа на забелешките коишто беа доставени од Рајнхард Прибе. Работната група започна со работа и има обврска да констатира одредени состојби. Ќе продолжиме со работа, а тоа што ќе го констатираме ќе биде времено известена јавноста од страна на Министерството за правда, бидејќи станува збор за постапување согласно судскиот деловник. Што ќе се случи понатаму ќе одлучи Министерството, бидејќи тоа врши надзор и контрола на функционалностите, одржливоста на ИТ-технологијата во судовите, рече Нанев.
Во извештајот на Рајнхард Прибе беше нотирано дека постојат индиции за злоупотреба на АКМИС-системот.