– Во насока на евроатлантските интеграции и функционирање на парламентарната демократија, Собранието во иднина треба да се фокусира на зацврстување на надзорната улога врз извршната власт. Како последица на таа слабост доцниме во реформите на многу полиња затоа што нема вистинска и ефикасна имплементација на законите и другите акти кои се донесени и се во надлежност на Собранието, истакна претседателот на Парламентот Талат Џафери обраќајќи се пред студентите и професорите на Универзитетот ФОН.
Уверен е, рече, дека кризата од изминатите две години била резултат токму на недоволно развиената надзорна функција на Парламентот што, како што рече, го посочуваат и извештаите кои доаѓаат од европските институции.
– Кризата полека ја оставаме зад нас. Охрабрува фактот дека ова парламентарно мнозинство има политичка волја, има и капацитет за повторно да се врати на европскиот пат и, кажано метафорички, со двете нозе и со подолги чекори да тргне кон остварувањето на нашата стратешка определба – кон полноправно членство во Европската Унија и во НАТО. Судејќи по моите формални и неформални контакти и средби со наши меѓународни пријатели, има нов ветер во нашата внатрешна и надворешна политика. Тоа е препознатливо и ние добиваме јавно признание дека работите се менуваат во позитивна насока, рече Џафери кој со својот говор го почна циклусот надворешни предавачи што го воведува ФОН.
Апелираше до секој поединец од парламентарното мнозинство, опозицијата, извршната власт, академската јавност, бизнис-заедницата и од невладиниот сектор да пристапи одговорно кон стратешките цели на Македонија.
– Што би рекол народот – да ги засукаме ракавите и секој поаѓајќи од својата положба, знаење, но и со целосна одговорност, да пристапиме кон реализација на нашите стратешки опрделеби. Европската Унија и НАТО треба да ги сфатиме, пред се, како вредности и стандарди кои обезбедуваат стабилна сегашност и подобра иднина за нас и за идните поколенија, им порача Џафери на студентите од ФОН.
Ректорот на ФОН Нано Ружин рече дека првпат по една деценија на нивниот Универзитет имаат толку висок гостин како што е Претседател на Собранието на Република Македонија.
Сефер Цаноски, член на Управниот одбор на ФОН, тоа го нарече почеток на нова ера во високото образование во Македонија. Истакна дека ФОН годинава одбележува 15 години постоење, период, како што рече, со многу успеси, падови и проблеми.