Во албанскиот законодавен дом се одржа јавна расправа за Нацрт- законот за заштита на малцинствата, на која учествуваше шефот на дипломатијата Дитмир Бушати, како и претставници на малцинставата, кои со овој документ добиваат и официјално признавање.
На јавната дебата присуствуваше и претставник на Здружението за бугарско - албанско пријателство. Бугарија побара малцинство во Албанија, но против ваквото барање не беше само шефот на дипломатијата Дитмир Бушати, туку и Македонците, пренесе тиранската телевизија Топ чанел.
Васил Стерјовски, претставник на „Македонска алијанса за европска интеграција“ (МАЕИ), на дебатата посочи дека не постои бугарско малцинство во Албанија.
- Во Албанија не постои бугарско малцинство. Тоа е деформација на историјата и на вистината. Во Преспа, Гора, Голо Брдо каде се претендира дека наводно има бугарско малцинство, живее единствено македонско малцинство. Ова барање на Бугарија е во рамките на нејзниот проект за „Голема Бугарија“. Доколку се признае бугарско малцинство тоа ќе биде геноцид врз Македониците, рече Стерјовски.