Eвропската Унија го објави извештајотна експертската група на Рајнхард Прибе во однос на владеењето на правото во Македонија. Извештајот е изработен врз основа на сознанијата на експертската група за време на нејзиниот престој во Македонија од 17 до 21 јули годинава.

Во извештајот се истакнува дека довербата во државните институции и функционерите мора да биде повратена, а превенирањето и сузбивањето на корупцијата и непотизмот во сите нивоа од власта, мора да бидат врвен приоритет.

Се потврдува и претходно утврденото дека во многу области постои соодветна правна регулатива, но сепак има значителна разлика меѓу легислативата и праксата што треба да биде надмината.

Експертската група оценува дека во важните области како што се судството, безбедноста и медиумите бараат систематски реформи базирани на инклузивен транспарентен и меѓусекторски процес. Посветеноста на Владата за спроведување такви реформи се поздравува, но и целото општество треба да се вклучи во процесот на реформи и да се бараат мислења од широк спектар на релевантни засегнати страни, како и дека подготовката на овие реформи треба да започне веднаш, но реформите не треба да бидат избрзани.

– Довербата треба да биде вратена. Постои широка перцепција во земјата дека во изминатите години одлуките се политизирани и партиите ја поседуваат државата. Вработените лица во јавниот сектор треба да имаат доверба дека може да ги извршуваат своите одговорности слободно без директен или индиректен притисок. Јавните одлуки треба да бидат предвидливи, а правните процедури да бидат вратени. Скандалот со прислушувањето откри масовно кршење на фундаменталните права. Одреден напредок е направен за истражување и процесуирање на откриените злоупотреби, но сепак се уште нема судски завршеток. Реформите во секторот на безбедноста особено во контекс на следењето на комуникациите се одложени по извештајот од 2015 година, но сега се во процес на подготовка. Особено е важно дека овие акции се следат како итни. Спречувањето и борбата против корупцијата на сите нивоа и сите области од јавните активности треба да стане главен приоритет. Грешките од минатото не смее да бидат повторени и една форма на заробеништво на државата не смее да се замени со друга. Некои акции што ќе бидат спроведени во блиска иднина ќе бидат од значително значење и еден вид на тест во таа насока, се вели во извештајот на групата во делот за градење на доверба.

Експертската група забележува дека само една од 12 препораки од 2015 година во однос на судскиот систем се спроведени.

Во извештајот се нотира дека Специјалното јавно обвинителство мора да продолжи со работа, бидејќи од суштинско значење е да продолжи кривичното процесуирање на одговорните за нелегалното прислушување.

– Утврдувањето на кривичната одговорност за нелегалното прислушување е од суштинско значење и мора да продолжи да се спроведува. И покрај критиките, опструкцијата и не-кооперативниот став на широк опсег на клучни институции, вклучувајќи го и обидот на претседателот да ги помилува сите дури и оние кои потенцијално би биле под истрага, СЈО сепак покажува посветеност и компетентност. Сепак, ограничувањата и опструкциите на мандатот на СЈО го покренуваат прашањето за континуитет што е од суштинско значење за обезбедување на кривична одговорност. Постојат различни опции за да се обезбеди овој континуитет. Силна правна основа за ова е неопходна, се вели во најновиот извештај на Прибе.

Експертскиот тим констатира и дека не постапува ажурно по предметите кои ги добива од СЈО, дека од вкупно 20 поднесени обвиненија, досега се потврдени само три, а и по две години никој не е осуден по обвиненијата од СЈО.

– Судот се чини дека намерно го одложува процесот за одобрување или отфрлање на барањата на СЈО за обвинение, а има и неподготвеност за одредување на мерката притвор, се вели во извештајот.

Експертската група истакнува дека од суштинско значење е да се обезбеди кривична одговорност на сите наводни сторители, без оглед на политичката припадност.

За идниот статус на СЈО, како една од опциите се препорачува тоа да се припои кон Републичкото јавно обвинителство, како специјализирана единица или одделение.

Во извештајот се наведува дека Владата треба рефорната на медиумите да ја спроведе како целосна стратгеија, која е добро планирана, базирана на истражувања, како и со помош на кредибилни и транспарентни консултации со сите засегнати страни.

– Со оглед на предизвиците со кои се соочуваат печатените медиуми, мерките како што е даночно олеснување или други исклучоци, може да бидат спроведени со цел обезбедување на медиумски плурализам. Истрагите за напади врз новинари треба да бидат приоритетни и ажурни спроведени. Со цел да се подобри улогата на медиумите за барање одговорност од државата, треба да се поттикне истражувачкото новинарство и тоа да биде овозможено од јавните институции и медиуми. Законски амандмани треба да гарантираат дека МРТ е целосно транспарентна и одговорна кон сите засегнати страни. Раководството на МРТ мора активно да се залага за сите засегнати страни. Стратегија за комуницирање и вклучување, изградена заедно со сите релевантни страни може да ја олесни промената на јавното мислење за МРТ. Состојбата со финансирање на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни сервиси мора да биде расчистена и независноста на Агенцијата, вклучително на Советот мора да биде целосно гарантирана, се вели во делот за медиуми.

Во извештајот во однос на цивилното општество, се наведува, дека мешањето и нападите врз цивилните организации не смее да бидат толерирани и постапките против тоа мора да бидат праведно и брзо решени.

– Консултациите со НВО мора да бидат кредибилни, инклузивни и недискриминирачки. Целосна транспарентност на јавното финансирање на НВО мора да биде гарантирано, се вели во извештајот.