Дефинирањето на целта е стартна позиција на секој успех. Се определивте да студирате на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ со една цел, да добиете образование со проверен и докажан квалитет, истакна ректорот на УКИМ проф. д-р Никола Јанкуловски, на првиот академски час на Правниот факултет „Јустинијан Први“.
– Добивањето на препознатливиот индекс на УКИМ е стартна позиција на вашите идни професионални успеси, рече Јанкуловски, додавајќи дека да се припаѓа на УКИМ е чест, но и обврска, затоа што знаењето, науката и квалитетот се негуваат на овој Универзитет од самото негово основање.
Тој истакна дека како новина во оваа академска година, во рамките на програмата Еразмус плус, УКИМ ќе започне да реализира студентска практика, со што на студентите ќе им се даде можност за стажирање во компании низ земјите на ЕУ.
– Компетитивните услови на пазарот на знаењето и пазарот на трудот се бескомпромисни, бараат квалитет и извонредност, не препознаваат ниту површност, ниту импровизации. Вашата одлука за студирање на УКИМ е правилна, бидејќи тој е познат и признат во светски рамки, а и според најновите податоци, најдобро рангиран универзитет од Македонија на светската скала, рече Јанкуловски.
Според него, за квалитетот на УКИМ зборуваат следните бројки: над 150.000 дипломирани студенти, 10.000 магистри и 4.000 доктори на науки, кои своето образование го стекнале на нашиот универзитет.
– Една стара кинеска мудрост вели: „Учителот ви ги отвара вратите, но вие морате да учите сами“. Ние сме тука да ви ги отвориме вратите. Да се биде добар студент на УКИМ и да се биде добар стручњак апсолутно не е лесно, бара многу напорна работа, голем труд, многу откажувања…Но знаењата и вештините што ќе ги стекнете тука се особено значајни затоа што тие ќе ве профилираат како експерти во вашата област, додаде Јанкуловски.
Деканот на Правниот факултет Горан Коевски истакна дека високото образование генерално се соочува со брзи и драматични предизвици како на национално така и на глобално ниво.
– Од друга страна високото образование континуирано се соочува со намалување на расположливите средства за научно истражувачка дејност, а директните и индиректните трошоци за студирање постојано растат, рече Коевски и додаде оти се поставува и дилемата дали болоњскиот процес е соодветен за многу научни дисциплини, вклучително и за правната, рече деканот на Правниот факултет.
Ректорот на УКИМ присуствуваше и на свечениот прв академски час и на Факултетот за земјоделски науки и храна. Обраќајќи им се на студентите на овие два факултета, тој симболично со порака им се обрати на сите новозапишани студенти на факултетите на УКИМ.
Во Конкурсот на УКИМ за 2017/2018 беа слободни вкупно 10.818 места за студенти на прв циклус студии: 5.865 за редовни студенти, 3.793 места за редовни со кофинансирање на студиите и 1.160 за вонредни студенти.