Со денешниот прием кај Началникот на ГШ на АРМ, генерал-потполковник Методија Величковски, високата воена делегација на националната гарда (НГ) на сојузната држава на САД, Вермонт, предводена од командантот на НГ на Вермонт, генерал-мајор Стивен Креј ја отпочна официјалната посета на Република Македонија.
За време на приемот генералите Величковски и Креј го истакнаа значењето на одличната воена соработка на АРМ со НГ на Вермонт, изразена преку досегашното заедничко учество во мировни операции, реализацијата на голем број заеднички вежби, континуираното изведување на обука и едукација на припадниците на двете армии.
По приемот кај НГШ на АРМ, во министерството за одбрана се реализира состанок со Министерката за одбрана Радмила Шекеринска на кој присуствуваше и амбасадорот на САД во Р.Македонија Н.Е Џес Бејли.
Делегацијата од НГ на Вермонт во текот на денешниот ден ќе оствари посета на Министерството за внатрешни работи, а ќе го посетат и Центарот за управување со кризи, каде ќе се запознаат со начинот на организација во справување со кризните ситуации, менаџирање со персоналот и ресурсите, како и координацијата со останатите државни институции.
Во текот на утрешниот ден делегацијата од НГ на Вермонт ќе оствари средба со Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов и со собраниската комисија за одбрана и безбедност во Собранието на Република Македонија.
За време на неколкудневната посета, претставници на делегацијата на НГ на Вермонт ќе остварат обиколки и посети на дел од единиците на АРМ каде ќе им бидат презентирани средствата и капацитетите на единиците, а ќе се запознаат и со активностите кои ги изведуваат овие единици.
Континуираните годишни средби на највисоко армиско ниво со НГ на Вермонт овозможуваат постојано надградување на соработката со оваа партнерска армија, преку воената контакт програма за соработка со Армијата на САД.