Под мотото „Види го детето, не попреченоста“, канцеларијата на УНИЦЕФ во Скопје денеска ја промовираше македонската верзија од Меѓународната класификација на функционирање, што се очекува да направи промена во начинот на кој се гледа и се одговара на потребите на децата со попреченост.
-Владата на Република Македонија се определи за инклузивно општество на граѓани со еднакви услови за живот. Правото на еднаквост почнува од граѓаните. Оваа Влада одлучи, ние ќе го гледаме детето, а не попреченоста, изјави премиерот Зоран Заев во обраќањето на промоцијата.
Заев смета дека е достижно да се создадат услови децата со попреченост да се оспособат и кога ќе пораснат да можат да работат.
– Мајка на четиригодишно девојче со Даунов синдром пред извесно време ме праша, дали мојата ќерка некогаш ќе може да работи. Ова прашање на загрижената мајка е наша обврска да одговориме дали е достижно да се справиме со ваквите предизвици. Тврдам оти тоа е достижно, истакна Заев.
Достижно е, рече, ако го пренасочиме нашиот поглед кон целта за која денеска говориме, а тоа е да овозможиме општество без пречки за лицата со попреченост, рече премиерот.
Заев истакна дека Владата го поддржала меѓународниот документ на УНИЦЕФ, Меѓународната класификација на функционирање, базирана на пристапот што децата можат, место што не можат.
– Како Влада, преку Министерството за труд и социјална политика почнавме да работиме на формирање на две пилот комисии за функционална проценка на способностите на децата со попреченост, што од следната година ќе работат во два региони во Македонија. Тие ќе ги следат децата со пречки во развојот. Што тие можат. Дали можеби им е развиена рачната моторика и можат да удираат печати, на пример. Дали моториката на нозете. Дали се брзи во одредени физички активности, или брзо мислат. Секое дете носи во себе голем потенцијал, рече Заев.
Тој наведе анкета на УНИЦЕФ според која на прашањето дали вашето дете некогаш се дружело со некое друго дете или возрасен со попреченост, дури 79 проценти рекле не.
– Мнозинскиот впечаток е дека децата со попреченост немаат можности да го развијат личниот потенцијал како другите деца, додаде Заев.
– Да и одговорам на загрижената мајка и на сите оние кои си го поставуваат прашањто за иднината на децата со попреченост, да, вашата ќерка ќе може да работи, заклучи Заев и додаде дека Владата презема обврска да го извлече потенцијалот на децата со попреченост.
Претставникот на УНИЦЕФ Бенџамин Перкс, истакна дека во земјата има околу 21.500 деца кои имаат некаква попреченост.
– Над две третини од нив не посетуваат училиште, а тоа пак го нарушува нивното право на игра, градење релации, развивање на својот идентитет и оставрување на потенцијалот, рече тој.
Најлошото е тоа што во руралните средини децата се скриени од заедницата поради срам и стигма, или пак чмаат во студените осамени институции како во Демир Капија, каде не добиваат љубов и внимание, за кои најсигурно знаеме дека се накпотребни на секое дете.