Американскиот претседател Доналд Трамп ќе се сретне денеска со британската премиерка Тереза Меј и изрази надеж дека САД би можеле набрзо да склучат трговски договор со Велика Британија.

– Не постои држава која би можела да ни биде поблиска. Работиме на трговски договор кој ќе биде многу голема и моќна работа, голема за двете држави и сметам дека тоа ќе се случи многу брзо, истакна Трамп на прес-конференција пред почетокот на средбата со Меј во Хамбург на самитот на Г-20.

Тој најави дека ќе го посети Лондон.

Поранешниот британски дипломат Сајмон Фрејжер изрази сомнеж дека би можело набрзо да се постигне било каков договор.

– Поентата е дека Британија не може да преговара со САД или со било кој друг додека не ја напушти ЕУ. Американците и сите останати нема да преговараат со нас додека не увидат каков ќе биде нашиот однос со ЕУ, бидејќи пристапот кој го имаме во Европа е многу важен за предноста која можат да ја добијат од односите шти ги имаат со нас, нагласи Фрејжер.

За време на средбата се очекува Меј да побара од американскиот претседател повторно да ја разгледа својата одлука за напуштање на САД од Парискиот договор за климатски промени.

Трамп по состанокот со британската премиерка го очекуваат и средби со останати високи претставници, меѓу кои се индонезискиот претседател Џоко Видодо, премиерот на Сингапур Ли Сиен Лонг, јапонскиот премиер Шинѕо Абе и кинескиот претседател Си Џинпинг.