Францускиот фудбалски првак ПСЖ официјално го промовираше Португалецот Луис Кампос за нов спортски директор на местото на Бразилецот Леонардо, кој доби отказ истиот ден кога парискиот клуб го продолжи договорот со својата ѕвезда Килијан Мбапе.
Кампос ќе биде задолжен за организациско – работниот дел на професионалниот тим и трансфер политиката на клубот.
– Радосен сум што му се приклучив на ПСЖ, за кој мислам дека е најамбициозен клуб во светот на фудбалот. Делиме иста визија во која цврсто верувам и едвај чекам да почнам да учествувам во развојот на извонредниот потенцијал на клубот, изјави Кампос.
Португалецот има богата и интересна кариера, во која од 2012 до 2013 беше скаут во Реал Мадрид, спортски директор во Монако од 2013 до 2016, а истата функција ја извршуваше во Лил од 2017 до 2020 година.