Двократниот македонски фудбалски првак во женска конкуренција и актуелен освојувач на националниот куп, „Каменица САСА“, одбележува пет години од своето постоење.

Основан на 9 јуни 2017 година од Зоран Златковски, фудбалер со богата и долгогодишна интернационална кариера, клубот од Македонска Каменица во својата кратка историја веќе има две шампионски титули (2019/20, 2020/21) на кои сезонава го придодаде и пехарот во Купот на Македонија.

Покрај сениорскиот тим, во кој се вбројуваат редица македонски репрезентативки и интернационалки од Европа и САД, Женскиот фудбалски клуб „Каменица САСА“ посветува големо внимание и на младинските школи.

– Со постигнатите врвни резултати, клубот веќе е етаблиран во фудбалската мапа на Македонија, како тим воден од сериозен, стручен и прогресивен тим, кој функционира на високо професионално ниво, соопшти клубот од Македонска Каменица по повод јубилејот.

Освен титулата во Купот, фудбалерката на „Каменица САСА“, Ана Димитровска, сезонава беше прогласена за најдобар голгетер во првенството, а фудбалерките од младинскиот тим ја освоија шампионската титула.