САД и Велика Британија денеска и утре во американскиот пристаништен град Балтимор ќе ги продолжат преговорите за продлабочување на нивните економски односи. Подоцна, во текот на пролетта, во Британија ќе се одржи нова средба меѓу делегациите од Лондон и Вашингтон.

САД се најголемиот трговски партнер на Велика Британија, а двете земји се особено меѓусебно поврзани кога станува збор за трговијата со услуги и директните странски инвестиции.

Севкупно, САД и Велика Британија вршат трговија во вредност од околу 263 милијарди долари (200 милијарди фунти) годишно.

По повлекувањето на Велика Британија од Европската унија, Лондон преговараше за договори во обид да го зајакне своето меѓународно трговско влијание – и особено се обиде да ги зајакне своите односи со САД.

Но, иако администрацијата на поранешниот претседател Доналд Трамп се чинеше подготвена да направи нов билатерален аранжман со Лондон и дури отвори преговарачки разговори, администрацијата на сегашниот претседател Џо Бајден се чини дека не брза да ги продолжи, пренесува Франс24.

„Важно е да се запамети дека овие (трговски) договори се само една алатка со која располагаме“, рече висок американски трговски претставник кој побарал да остане неименуван.

Трговската претставничка на САД, Кетрин Таи, која ќе ја води американската страна на разговорите денеска и утре, се очекува да зборува за „потребата да се биде креативен и да се размислува надвор од рамката кога станува збор за нашата трговска динамика со ВБ“, рече друг официјален претставник.

„Некои од нашите трговски алатки беа развиени пред неколку децении, пред многу децении, и не ги претставуваат особено глобалните предизвици со кои се соочивме денес“, рече вториот претставник.

„Целта на овој дијалог е да работиме заедно за да ја направиме нашата трговија попаметна и да им помогнеме на нашите работници и бизниси да се натпреваруваат во навистина тешка глобална економија“, рече вториот официјален претставник.