Руското Министерство за одбрана постави рок до 5 часот наутро за да се предаде градoт Мариупол. Украина брзо го отфрли предлогот – заменик-премиерката Ирина Верешчук нагласи дека „не може да има предавање“. „Наместо да губите време на 8 страници писма, само отворете хуманитарен коридор“, изјави таа. Рокот сега помина.

Трговски центар во Киев беше гранатиран доцна синоќа, а спасувачите се уште се борат да го контролираат пожарот во областа Подилски во главниот град на Украина, Киев.

Истекување амонијак во хемиска фабрика во североисточниот украински град Суми влијае на област во радиус од 2,5 километри од излевањето, изјави рано утринава градоначалникот на градот. Дмитро Живицкиј рече дека истекувањето било пријавено во 4.30 часот по локално време во фабриката Сумихимпром.

Американскиот претседател Џо Бајден в петок ќе отпатува во Полска за да разговара за меѓународните напори за поддршка на Украина, соопшти Белата куќа. Дискусиите ќе следат по средбите на Бајден во Брисел, Белгија со сојузниците на НАТО, лидерите на Г7 и лидерите на Европската унија.

Кинескиот амбасадор во САД негираше дека Кина испратила оружје и муниција за да ја поддржи руската војна во Украина и дека Пекинг „ќе направи се за да ја деескалира кризата“ во интервју за Си-Би-Ес. Чин Ганг рече дека извештаите дека Пекинг може да и пружи воена помош на Русија се „дезинформации“ и дека Кина испраќа хуманитарна помош за да им помогне на погодените од конфликтот.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека верува оти неуспехот да се преговара за крајот на руската инвазија ќе значи „трета светска војна“. Во интервју за Си-Ен-Ен Зеленски рече дека е „подготвен за преговори“ со рускиот претседател Владимир Путин, но предупреди дека ако не успеат „тоа би значело трета светска војна“.

Градскиот совет на Мариупол соопшти дека Русија бомбардирала уметничко училиште во кое биле засолнети 400 цивили, вклучително и деца.

Словенија наскоро ќе врати дипломати во Киев, според премиерот Јанез Јанша.