САД не можат да се заложат за средба на претседателот Џо Бајден со рускиот претседател Владимир Путин кога таква средба беше утврдена со непреземање воена акција од страна на Русија во Украина, акција која гледаме дека е неизбежна, изјави официјален претставник на Белата куќа.
По навлегувањето на руските војници во отцепените територии на Источна Украина, САД ја набљудуваат ситацијата и ќе оценат какви дополнителни мерки може да преземат.
-Ние набљудуваме и ќе оцениме што Русија прави во наредните часови и ќе одговориме на секоја акција преземена од Русија на соодветен начин, и тоа најверојатно ќе бидат санкциони чекори, изјави претставникот синоќа во телефонски повик со новинарите.
Рече дека во регионот Донбас Русија има свои војници веќе осум години „но тоа го негираше а сега дејствува отворено”.
-Изгледа дека Русија ќе дејствува отворено во тој регион и ние ќе одговориме соодветно. Какви ќе бидат натамошните чекори ќе кажеме во текот на утрешниот ден, изјави претставникот.
Бајден во меѓувреме потпиша извршен указ за блокирање инвестиции, трговија и финансиски трансакции од страна на државјани на САД во и од таканаречените Доњецка народна република (ДНР) и Луганска народна република (ЛНР). Указот исто така може да обезбеди легална основа за санкции кон сите лица со намера да дејствуваат во овие области на Украина.