Агенцијата за пошти денеска објави награден конкурс за истражувачки труд од областа на поштенските услуги на тема „Развојот на поштенскиот пазар во Република Македонија“.Наградата што ќе ја додели Агенцијата за пошти е во паричен износ од 30.000 денари, а конкурсот е отворен до 10 декември годинава.

-Истражувачкиот труд треба да содржи осврт на развојот на македонскиот поштенски пазар и личен поглед кон неговата улога и значење во домашната економија. Треба да содржи најмногу 10.000 зборови ( не вклучувајќи апстракт, библиографија и анекси). Текстот на трудот треба да биде подготвен во Microsoft Word за Windows во фонт Times New Roman на А-4 формат- страница. Трудот треба да биде изработен во стандардна структура и да ги содржи следните делови: Апстракт, клучни зборови, Опис на методи на истражување кои се користат во трудот, Анализа, Заклучни согледувања и Библиографија, (со исклучок на веб -страницата Енциклопедија -Википедија), стои во објавата за конкурсот. Право на учество на конкурсот имаат државјани на Република Македонија над дваесет и пет годишна возраст. Учесниците кои имаат стекнато титула доктор на науки до денот на поднесување на трудот немаат право на учество на конкурсот. Трудовите се поднесуваат на македонски или албански јазик. Вработените и членовите на Комисијата на Агенцијата за пошти немаат право на учество на конкурсот ( како и нивни брачни или вонбрачни другари, како и блиски роднини во прва линија до второ колено). Еден автор има право да поднесе само еден самостоен труд. Трудовите кои се изработени во коавторство нема да бидат прифатени.

На конкурсот авторите имаат право да конкурираат и со веќе објавени трудови во тековната година, но при поднесувањето на трудот, авторот да наведе кога и каде бил објавен истиот. Покрај трудот, авторот треба да достави и биографски податоци.

Трудовите се поднесуваат на адреса на Агенцијата за пошти : ул. Кеј 13 ти Ноември, Градски Трговски Центар, кат 2, зграда 4, влез 1, локал 2, Скопје- п. фах 160 или на електронската адреса на Агенцијата: info@ap.mk со назнака „За награден конкурс на Агенцијата за пошти за 2021 година“.

Изборот за најдобар истражувачки труд ќе биде објавен на 22 декември ( среда) 2021 година на веб- страницата на Агенцијата за пошти.


Администратор
27/10/2021 15:43