Во полн ек е кампањата која што ја спроведува Рурална коалиција насочена кон преземањето на акција за подигнување на свеста кај земјоделците за климатските промени, информираа денеска од Рурална коалиција. На средбата во Неготино, којашто се одржа со поддршка на локалното здружение Ековита, беше посочено дека еден од главните предизвици на кои што ќе треба да се работи во овој регион, е примената на добрата земјоделска пракса што е основното скалило од кое земјоделците треба да започнат, за да придонесат кон заштитата на животната средина и намалувањето на ефектите од климатските промени.

Со кампањата досега посетени се над 30 рурални средини низ целата територија на државата, а предвидено е да трае до декември, оваа година.

-Имено, речиси секоја деценија обемот на земјоделското производство се намалува за шест проценти, што значи дека за секои 10 години ние имаме помали количини храна. Важиме за земјоделска земја со над 45 отсто обработлива површина. Меѓутоа, особено последниве неколку години сведоци сме и на намаленото земјоделско производство, како и намален квалитет на земјоделските производи. Сето тоа доведува и до повисоки цени на земјоделските производи, но во исто време и намалување на приходите кај земјоделците поради намалениот или недоволно квалитетен род, наведуваат од Рурална коалиција.

Од друга страна, пак, нагласуваат, еден од најголемите извори на метан и предизвикувач на стакленички гасови е токму земјоделството.

-Меѓутоа, согласно податоците на Министерството за животна средина, од 473 испитаници-земјоделци, во 48 општини, над 90 проценти не сметаат дека со своите активности на нива исто така и тие придонесуваат кон негативните ефекти на климатските промени. Дополнително, ретко која од општините има изработено Локален еколошки акциски план или пак истите се со изминато времетраење, што пак само дополнително не упатува на заклучокот дека многу малку активности се преземаат на локално ниво, кога станува збор за ублажување на последиците од климатските промени и прилагодување кон истите, посочуваат од Рурална коалиција.

Притоа информираат дека е период на изработка на стратегија и национален план за климатска акција во кои се предвидени обврски и за општините коишто треба да ја имаат стратешката улога, кога станува збор за преземањето на акции во локалната заедница, насочени кон справувањето со климатските промени, од кои еден од најпогодените сектори е токму земјоделството, вклучувајќи го и лозарството кое е доминантна земјоделска гранка во Тиквешкиот регион.

– Тоа е и една од пораките која што ја испраќаме до идните локални власти во секоја од општините, а тоа е дека навистина сериозно ќе мора да се вложат во делот на заштитата на животната средина и прилагодувањето кон климатските промени. Затоа што ние всушност сме првите генерации коишто ги чувствуваме сериозните негативни ефекти од климатските промени, но и последните генерации коишто може да превземат акција за нивно ублажување, вели Лилјана Јоноски, извршна директорка на Рурална коалиција.

Токму затоа, додава таа, Рурална коалиција ја презема ваквата акција за зајакнување на свеста за климатските промени во земјоделското производство, преку споделување на информативен материјал и кратки едукативни сесии на терен, каде што се обидува преку споделување на паметни земјоделски климатски практики да го мотивира локалното население, пред се земјоделците, да започнат самите да преземаат активности и мерки коишто ќе придонесат кон ублажување на ефектите од климатските промени.

Проектот Климатска акција за климатските промени во земјоделството, Рурална коалиција го спроведува со финансиска поддршка од Фондацијата Отворено општество – Македонија.


Администратор
27/10/2021 12:35