Локалниот огранок од Кочани на Здружението „Борка – за секој нов ден“, денеска ја одржа традиционалната Розова прошетка под мотото „Трка за лек“.

Настанот почна од Паркот на Револуцијата и продолжи по градските улици, а е во знак на поддршка на сите кои се борат против ракот на дојката, при што симболично беа пуштени и розови балони.

– За време на пандемијата, на пациентите со карцином на дојка им е потребна поддршка повеќе од кога било. Овој проект, единствен од ваков вид, во себе ја содржи хуманата мисија за помош и поддршка на илјадници пациенти коишто се борат со ракот на градата, болест која одзема многу животи. Во настанот се вклучени сите граѓани, за да бидеме сплотени и сите заедно да им помогнеме на оние кои поминуваат низ голготата, да им оддадеме почит на оние кои нè напуштиле, но и да упатиме апел до оние кои се здрави да се грижат за своето здравје, затоа што само така ќе можат да споделат многу љубов со своите сакани подолго време, истакна Валентина Андонова, локална координаторка на Зружението „Борка“.

Розовата прошетка се организира со поддршка од Општина Кочани, преку Локалниот акциски план за еднакви можности на жените и мажите.

Учесниците во „Трката за лек“ добија маичка со овогодишното лого, а настанот се спроведе според протоколите за организација на јавни настани, за заштита на здравјето во услови на Ковид-19. та/цр


Администратор
26/09/2021 13:49