Косовскиот премиер Албин Курти, по повод синоќешните напади на објекти во општините со мнозинско српско население, Зубин Поток и Звечан, ја обвини Србија дека ги користи косовските граѓани за да предизвика сериозен меѓународен конфликт, јави дописникот на МИА од Приштина.

Курти на својата страница на Фејсбук напиша дека овие акти се дело на криминалци и дека е „јасно оти тие се поттикнати и поддржани од Србија, односно од тамошниот автократски режим“.

„Поединци или групи на кои владеењето на правото и јавната безбедност им ги загрозуваат криминалните активности ја напаѓаат нашата држава и го загрозуваат мирот. Јасно е оти тие се поттикнати и поддржани од Србија, односно од тамошниот автократски режим. За жал, пред очите на меѓународната заедница, Србија користи граѓани на Косово за да испровоцира сериозен меѓународен конфликт“, напиша Курти.

Тој порача дека таквите напади нема да се толерираат и ги повика граѓаните да останат спокојни и да соработуваат со институциите.

Министерот за внатрешни работи на Косово, Џељаљ Свечља денеска информира дека синоќа по полноќ е запален Центарот за регистрација на возила, кој се наоѓа во објектот на општината Зубин Поток, а нападнат е и Центарот за регистрација во Звечан.

Во објава преку својата страница на Фејсбук, Свечља оцени дека станува збор за „криминални акти со терористички елементи“.

Тензиите меѓу Косово и Србија се зголемија пред пет дена по одлуката на косовската влада за воведување на пробни косовски таблички за возилата со српски регистарски ознаки. Србите од северно Косово поради тоа ги блокираа патиштата кон граничните премини Брњак и Јариње кон Србија.

Србија, која не ја призна својата поранешна покраина како посебна нација и ја смета својата граница со Косово како „административна“ и привремена граница, со години симнува регистарски таблички од автомобили регистрирани од Косово, кои влегуваат во Србија. Возачите треба да платат пет евра за привремена регистарска табличка од 60 дена


Администратор
26/09/2021 02:55