1. Чекајќи го завршетокот на истрагата за трагедијата во болницата во Тетово, за да конечно видиме дали некој ќе заврши со лисици на раце, ни се случува повторно меѓународен скандал. Возило на МВР полно со дрога било запленето во Црна Гора. Ова веќе не е злоупотреба на службената должност, ова е институционализација на криминалот од најтежок вид!

Министерот Спасовски очигледно ќе релативизира и ќе префрла одговорност, на крај можеби ќе кажат дека дрогата сама се ставила во возилото, но нека не заборави дека од 2015 е министер (со мал прекин додека беше премиер).

Морална одговорност нема да бараме, знаеме дека тоа е несвојствено за функционерите на оваа гарнитура на СДСМ.

Човек да се чуди како овие луѓе наоѓаат леснотија во неодговорноста!

Нека си продолжат и тој, но и партискиот шеф на комисијата за безбедност (кој во моментов е Државен секретар во МО), во работно време со службени возила да си тераат партиска кампања.

Селата во Македонска Каменица гарант ќе видат просперитет од таквите посети и агитирања, посебно кога на мештаните кои немаат канализација или водовод им објаснувате дека сме станале членка на НАТО.

2. Премиерот на "нашата земја", продолжува да дефокусира од катастрофата на економски и здравствен план во државата, па повторно ја спушта летвичката за националните прашања.

Со ништо непредизвикан, премиерот продолжува со негаторските политики кон сопствената нација.

Чинам дека е дојдено времето на човекот којшто се гордее дека во Среда и Петок имал само по 3 часа, но сепак станал премиер, некој од неговите да му укаже дека треба да биде внимателен кога зборува на темите историја и иднина.

Оти, ниту историјата ја познава, а ниту гледа каква небиднина ни носи со неговите неодмерени изјави.

Според Заев, дел од нашите предци биле соработници-колаборационисти со фашистичкиот режим и затоа не можело да се генерализира дека сите (како народ) во 2 Светска Војна сме биле на вистинската страна.

Демек пола од нашите биле предавници, а пола борци-херои. Апсурд!

Откако ги избришаа одлуките на АСНОМ од Уставот, а видовме дека не им помина ниту фингерајката со нон-пејперот во којшто не нарекоа бугаро-македонци, сега Заев и другарите решиле да извадат нов трик од ракавот. Ќе бидеме пола наши, пола нивни.

Јавноста не слушна никој од раководството на СДСМ да се огради од овие изјави на нивниот премиер и лидер што доби 100 посто поддршка на султан-конгресот, а тоа не го направи дури ни Шекеринска од скопското крило. Да, истото скопско крило што ги кршеше канцелариите на Град Скопје токму поради "заштита на македонштината", сега молчи.

Зошто?

И порано сум напишал и сега ќе повторам: За тоа кој бил фашист или не, не се прашува ниту Заев ниту привременото правителство во соседна Бугарија, туку таа потврда доаѓа од земјите победнички во 2 Светска Војна: Русија, САД, Велика Британија, Кина...

За крај, откако кажа дека ќе ги сквернавел спомениците со стругање на "бугарски" од пред "фашистички окупатор", нека си погледне што вика Законот.

Сквернавењето споменици претставува кривично дело и за тоа се одговара.

Сепак, ако веќе решил да ги сквернави спомениците, а во духот на европските вредности позади кои се крие, еве му предлог како да излезе од амбисот во кој ја втурна македонската нација:

Нека го избрише "бугарски" и на негово место нека стави "братски" или "пријателски". Така, на спомениците ќе имаме "братски или пријателски фашистички окупатор". Со тоа, сите ќе бидат сите задоволни, а апсурдот во "неговата" земја ќе си го добие своето значење по форма и суштина.


Администратор
24/09/2021 20:21