Полицијата во Тетово почна со посебно регулирање на сообраќајот пред болницата со оглед дека се изведуваат реконструкции на две пристапни улици.

Станува збор за делница од улицата „Јане Сандански", како и дел од улицата „Димо Гавроски-Кара". Токму овие две улици и улицата „29 Ноември" покрај самата болница се еднонасочни улици што уште повеќе го отежнува сообраќајот.

Пред главниот влез на болницата сега има полицајци кои го регулираат сообраќајот. Од Секторот за внатрешни работи Тетово соопштија дека секојдневно од 8 до 16 часот со сообраќајно-полициска служба се присутни пред и околу тетовската Клиничка болница со цел непречено и безбедно одвивање на сообраќајот на овој простор.

-Секторот за внатрешни работи Тетово има издадено сообраќајна согласност за изменет сообраќаен режим на улиците „Јане Сандански" и „Димо-Гавровски-Кара" кои водат кон болницата, а кои се во фаза на реконструкција.Изменетиот режим на сообраќај, по добиената согласност, кога станува збор за неговото регулирање, е во надлежност на тетовската локална самоуправа, односно на изведувачот на работите.Изведувачот на работите, пак, согласно доставените елаборати до СВР Тетово должен е да обезбеди и постави соодветна сообраќајна сигнализација и да ги реализира сите други законски предвидени предуслови. СВР Тетово ја следи имплементација на изменетиот сообраќаен режим и презема конкретни мерки и активности во функција на непречен сообраќаен проток до оваа здравствена установа, информира Марјан Јосифоски, портпарол на тетовската полиција

Од друга страна жителите на Тетово се жалат на отежнатиот пристап и сообраќајниот метеж додека се стигне до болницата поради реконструкциите на двете улици.

-Сметаме дека не се водело доволно сметка и има пропуст општината што дозволила во исто време да се работи на двете улици. По улица „Јане Сандански" не може да се стигне до болницата, а потоа „Димо Гавроски-Кара" која е за излез не може да се користи. Поради тоа што „29 Ноември" е еднонасочна се создава огромен метеж пред главниот влез во болницата каде поради рекоснтрукција на „Димо Гавровски Кара„ мора возилата да се враќаат назад, објаснуваат револтирани жители на Тетово кои се обратија до МИА.

Улицата „Димо Гавровски-Кара" започна да се реконструира вчера. Треба да се работи атмосферска канализација и асфалтирање на делница од 185 метри со широчина од шест метри и прилагодување на двата тротоари. Градежните работи на улицата „Јане Сандански" започнаа на почетокот на август, каде исто така се работи на подземната инфраструктура, поставување асфалт и уредување на тротоари.


Администратор
23/09/2021 14:48