Европската конфедерација на синдикати објави дека според последните податоци со кои располага три милиони работници со ниски плати се лишени од греење поради цената на енергијата, јави дописничката на МИА од Брисел.

Драстичниот раст на цените на енергијата ширум Европа стави во опасност милиони работници, кои и покрај тоа што имаат работа не можат да си дозволат да платат за греење во нивните домови поради ниските плати.

Европските синдикати предупредуваат дека ситуацијата е влошена во десет земји членки на ЕУ во последната година, но и дека треба да се очекува дополнително влошување со наглиот раст на цените, резултат на повеќе фактори, како брзото закрепнување на економиите по пандемијата и зголемената побарувачка посебно на азиските пазари.

Најлоша е ситуација во Кипар каде 45,6 отсто од сиромашните работници немаат пари за греење, следува Бугарија со 42,8 отсто и Литванија со 34,5 отсто, во Португалија 30,6 отсто од работниците не можат да платат за парно, во Грција 28,7 отсто и во Италија 26,1 отсто.

Најсилен раст на стапката на сиромашни работници има во Хрватска, Кипар, Литванија, Словачка, Шпанија и Италија.

Синдикатите бараат Европската Унија под итно да преземе мерки против овој феномен. Од Европскиот Парламент се бара да поднесе амандмани во директивата за минимална плата со кои ќе се гарантира достоинствен живот, односно минимална плата никогаш да не биде помала од 50 отсто од просечната плата.

Генералната секретарка на Конфедерацијата, Естер Линч, изјави дека да се бира помеѓу греење, храна и кирија е неприфатливо.

-Крајно време е Европа да преземе мерки за минималните плати никогаш да не ги доведат работниците да се грижат за вклучувањето на парното, рече Линч и потсети дека со растот на цените уште поголем број сиромашни работници оваа зима после долг ден работа ќе се вратат во студени домови.

Шпанската влада во понеделникот побара од Европската Комисија под итно да преземе мерки за справување со растот на цените на енергијата.


Администратор
23/09/2021 02:07