Капитален проект, спој на висока технологија од Словенија и иновативност од Јапонија. Вака денеска државниот врв ја нарече пречистителната станица која треба да обезбеди чиста, здрава и квалитетна вода за пиење за преку 100.000 домаќинства во општините Штип, Пробиштип, Свети Николе, Лозово и Карбинци.

Филтер станицата, со капацитет од 300 литри во секунда, ќе овозможи и наводнување на 4.000 хектари земјоделска површина, како и производство на електрична енергија од 50 гигават часови.

Во тек е тест периодот по кој следува првата фаза – обезбедување вода за пиење за жителите од петте општини.

За овој проект кој се реализираше во изминатите 17 месеци, Владата обезбеди шест милиони евра од Буџетот.

-Кога ќе заврши тесирањето штипјани ќе добиваат најквалитетна вода за пиење по сите светски стандарди. Супер модерната пречистителна станица, со капацитет од 300 литри вода во секунда, е најголема од ваков тип во државата и регионот. Имаме јасна волја да продолжиме со проекти кои прават суштински промени кои ги подобруваат условите за живеење преку праведна распределба на јавните финансии. рече премиерот Зоран Заевпо увидот на филтер станицата. Оваа Влада континуирано работи на подобрување на условите за живот на граѓаните, а врвен приротет е да се поттикне рамномерниот регионален развој, истакна премиерот Зоран Заев по увидот во работите на филтер станицата.

Тој потсети дека во источниот регион се спроведуваат повеќе капитални објекти кои се силен потенцијал за развој. Во тек се изградби и реконструкции на десетици патни правци, а обезбедена е и стабилна мрежа за снабдување со електрична енергија.

-Повеќенаменскиот хидросистем „Злетовица“ е еден од тие капитални проекти кој се состои од повеќе заеднички, но посебни објекти за водоснабдување, наводнување и енергетика, подвлече премиерот.

Според вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, ХС „Злетовица“ е голем исчекор во развојот на источниот регион.

-Пречистителната станица во Штип е спој на новата развојна економија и новиот дух на Владата. Граѓаните нема повеќе да се соочат со недостиг на питка вода, а земјоделците ќе може да ги наводнуваат површините, рече Битиќи.

На увидот беа и градоначалникот на Штип Сашко Николов, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, амбасадорот на Словенија, Милан Предан, амбасадорот на Јапонија, Хиронори Савада и градоначалникот на Пробиштип Драган Анастасов.


Администратор
15/09/2021 23:09