Нова детска градинка „Темјанушка“ беше отворена денеска во Неготино. Во неа ќе се згрижуваат и воспитуваат 169 деца. Премиерот Зоран Заев заедно со малиот Љупче на симболичен начин ја отклучија влезната врата на градинката.

Во обраќањето пред присутните, премиерот рече дека ова е најновата детска градинка во државата, но ова е најубавата детска градинка во државата, навистина убава како темјанушка.

-Со ова масовно градење на детски градинки насекаде во државата, 15 за само 11 месеци, како Влада уште еднаш ги потврдуваме нашите приоритети грижа за најмладите со акцент на ранливите категории граѓани.

Веќе подолго време сериозно работиме на зголемување на опфатот на деца во процесот на предучилишно воспитание и образование и во склоп на овие заложби и општина Неготино конечно го доби она што го заслужува и што и е потребно, детска градинка, изградена според највисоките стандарди за ран детски развој со што се зголемуваат капацитетите за згрижување и воспитување на деца од предучилишна возраст и ја постигаат својата цел да нема повеќе незгрижено дете од општина Неготино коешто сака да ги посетува градинките, изјави Заев.

Тој потсети дека во градинката ќе се згрижуваат деца од девет месеци до 6 годишна возраст. Следејќи ги нормативите за енергетска ефикасност и оваа градинка ќе користи обновливи извори на енергија преку системот на сончеви колектори.

-Да нагласам она што за нас како инклузивно општество е исклучително важно е што во градинката ќе работи стручен кадар, обучен да понуди инклузивен пристап и за децата од ранливите категории на семејства, како и за децата со посебни потреби кои заедно со останатите деца ќе учат нови вештини и ќе се дружат, нагласи Заев.

Изградбата на оваа градинка е финансирана од проектот за подобрување на социјални услуги што го спроведува МТСП со поддршка на Светска банка.

Општина Неготино е една од четирите општини кои први ги потпишаа договорите со кои добија грант за изградба на нови детски градинки заедно со останатите општини Кочани, Кавадарци и Кисела Вода.

Вредноста на грантот за изградба на детска градинка изнесува 69,6 милиони денари. Општина Неготино со повеќе од еден милион и 700.000 денари учествува во партерното уредување на надворешниот дел на градинката кој се очекува во најскоро време комплетно да биде завршен.

-Со гордост можам да кажам дека сите објекти кои се дел од овој проект се градат според високи стандарди за енергетска ефикасност и овозможуваат најдобри можности за учење соодветно на возраст. Воспоставени се и новите нормативи за градинките со што просторот во кој децата престојуваат треба да биде уреден согласно нивните потреби за движење и поттикнување на учење преку игра. Со интензивна и посветена работа на приближување на стандардите на живеење во поголемите и помалите места, ние како заедница уште еднаш докажуваме дека се грижиме подеднакво за сите граѓани. Во оваа мисија тргнавме од најмладите, бидејќи веруваме дека е најважно на свет токму ним да им понудиме подеднакво квалитетно место за згрижување, воспитување и стекнување на првите знаења, кои се важен предуслов за идното школување, додаде претседателот на Владата.

Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска рече дека и претставува голема чест што денес МТСП заедно со Владата на РСМ ја отвора 15 градинка за 11 месеци од доаѓањето на власт. Таа додаде дека оваа градинка е многу голема придобивка за граѓаните од Неготино.

-Она што е значајно дека Неготино добива навистина најсовремена и најубава градинка во државата, една градинка којашто е изградена согласно најдобрите практики за просторно уредување, градинка којашто е енергетски ефикасна, меѓутоа она што за мене е особено значајно градинка којашто ќе овозможи пристап за децата со попреченост и за децата коишто доаѓаат од ранливите категории на граѓани и децата од ромската етничка група. МТСП и Владата доследно ги исполнува она што претставуваат и програмски определби и во програмата на Владата и затоа продолжуваме со изградба на детски градинки, реконструкција и проширување на веќе постоечки објекти, нагласи министерката.

Таа информираше дека за 11 месеци опфатот на деца во градинките е зголемен за 1.150 нови места во градинките.

-Истовремено овозможуваме вработување на нови воспитувачи, негуватели, нов персонал којшто ќе работи во градинката, но истовремно работиме преку процес на обука заедно со поддршка на Светска банка, на УНИЦЕФ за градење на професионалниот капацитет на воспитувачите и негувателите коишто ќе работат со децата, додаде Шахпаска.

Неготинскиот градоначалник, Тони Делков потсети дека во изминатиот период родители бараа место плус за нивните деца да може да посетуваат градинка. Со ова, нагласи, се решава долгогодишниот проблем. Тој додаде дека се добива нов современ објект по сите стандарди. Делков информираше дека Општината се обврзала дека со сопствени средства ќе го уреди дворот и ќе го опреми со реквизити. Тие активности биле во тек, тој рече дека наскоро следува нивна комплетна реализација. Градоначалникот истакна дека новата детска градинка, значи и нови вработувања. Тој се заблагодари за финансиската и севкупната поддршка на Владата на Република Северна Македонија. Изрази и благодарност до премиерот, за поддршката да биде кандидат за градоначалник во втор мандат.

Директорката на градинката, Јана Коцева информираше дека постоечката градинка „Фемо Кулаков“, се проширува за уште овој нов објект. Вкупниот капацитет на дечиња кои отсега ќе можат да се згрижат во градинка, изнесува 590 најмлади жители на општината Неготино. Со ова, нагласи таа, престанува да постои долгогодишната листа на чекање.

Објектот почна да се гради во 2020 година. Во него има девет занимални, кујнски и трпезариски простор и административно службен дел.


Администратор
31/07/2021 16:44