Безбедносната состојба пред летната туристичка сезона во Општината Маврово и Ростуше е стабилна без регистрирани потешки кривични дела или нарушувања на јавниот ред и мир, оцени локалниот Совет за превенција на општината.

При разгледувањето на безбедносната состојба, на петтата редовна седница на Советот беа посочени и мерките што треба да се преземат за надминување на евентуални недостатоци пред летната туристичка сезона.

Во тој контекст, посебен акцент беше ставен на состојбата во сообраќајот, поконкретно, одлуката за времена промена на режимот на сообраќај, односно, забрана за паркирање возила на дел од улиците во населените места, кои се објавени на фејсбук профилот на градоначалникот.

– Тоа од причина што во периодот кој следува, посебно при крајот на овој и речиси цел месец август, за неколкупати е зголемена фреквенција на возила и присуството на граѓани, поради масовното доаѓање на нашинците од западно-европските земји. Тие летниот одмор по традиција го минуваат во родниот крај, кога се прават и многу домашни веселби, стои во објавата на градоначалникот Медат Куртовски, кој претседаваше со советот.

Како што беше кажано на средбата, во овој период се очекува присуство на повеќе илјади печалбари, главно од Италија, Германија и Швајцарија и значителен бројот на иселениците кои живеат во Турција.

Подготвеност за доследно реализирање на задачите и обрските од своја надлежност а се во интерес на безбедноста на жителите, од секој аспект, посочија претставниците на полициското одделение од Ростуше, командирот на Територојалната противпожарна единица од Дебар, која со својата активност ја покрива и оваа општина, директори на јавни установи и претставници на месните заедници, кои присуствуваа на средбата.

– Се задолжува МВР на РМ – Полициското одделение Ростуше, да преземаат мерки според ЗБСП за спроведувањето на одлуката и регулирањето на сообраќајот на наведените површини. Воедно упатуваме апел до сите жители на општина Маврово и Ростуше да се почитуваат овие одлуки за да нема попречување на движењето на луѓето и возилата, посочи Куртовски.


Администратор
24/07/2021 17:59