ЈПКД „Комуналец“ – Струмица, утре од 7 до 16 часот организира голема акција за чистење на отпадот во градот. Се планира да се испразнат сите контејнери, да се исчисти сметот околу нив, како и да се исчистат сите мини депонии направени од несовесни граѓани низ улиците на градот.

„За да не се повторува ваквата грда и лоша слика со мини депонии по улиците, апелираме до сите граѓани кои имат секаков вид смет по дворовите и подрумите истиот да го извадат и да го пријават на телефонскиот број 13-110 во сабота од 7 до 19 часот како и во недела од 7 до 12 часот, и ќе биде подигнат во текот на акцијата“, информираат од „Комуналец“. Истиот ден треба да биде исчистена и трим патеката до манастирот „Свети Илија“, како и просторот околу манастирот и локалитетот Цареви Кули.

„Акцијата е со цел да им овозможиме пријатен престој и уживање во убавината на овие локалитети, кои ќе бидат посетени од голем број граѓани за време на празникот Свети Илија“, додаваат од ЈПКД „Комуналец“.

Струмичките комуналци апелираат до граѓаните да ја чуваат природата чиста и укажуваат посетителите отпадот да го фрлат исклучиво во кантите за отпад.


Администратор
24/07/2021 15:42