Претседателот Стево Пендаровски денеска во претседателската резиденција со високо државно одликување „Орден за заслуги за државата“ ги одликува постхумно писателот Горан Стефановски, пејачот и актер Зафир Хаџиманов и професорот Ремзи Несими, како и претседателот на Ракометната федерација на Македонија, Живко Мукаетов.

-Горан Стефановски, нашиот мајстор раскажувач, преку своите антологиски драми ни помага да ја разбереме приказната за нас. После Блаже Конески, Славко Јаневски и Петре М. Андреевски, Стефановски е веројатно последниот голем архивар и согледувач на македонската култура и на македонските крстопати. Во своите дела и јавните настапи тој постојано нѐ потсетуваше дека идентитетот значи одговорност и напорна работа, рече претседателот на свеченоста по повод доделувањето на ордените.

За бардот на македонската популарна музична сцена, неповторливиот Зафир Хаџиманов, шефот на државата истакна дека овој плоден и сестран уметник преку музиката, поезијата, преку драмските и филмските улоги, умееше да зборува на јазикот на повеќе генерации и при тоа, лесно и незабележливо да поврзува различни луѓе и народи.

За основоположникот на високото образование на албански јазик во нашата земја, професорот Ремзи Несими, Пендаровски ќе издвои дека тој, е неспорно еден од најголемите авторитети на полето на албанологијата, почитуван и цитиран од сите албанолози и кај нас и во светот. Како истакнат лингвист и просветител, тој го потенцира централното место на јазикот во културата на еден народ. Јазикот како клуч за толкување на светот, пренесување на мудроста и животните искуства, за поврзување на генерациите.

Четвртиот лауреат Живко Мукаетов, кој присуствуваше на церемонијата, Пендаровски го посочи како еден од најпознатите луѓе од бизнисот во Република Северна Македонија, раководител на „Алкалоид“, компанија која е еден од носечките столбови на македонската економија, шеста фармацевтска индустрија во Југоисточна Европа. Бренд, кој вели, стана препознатлив по врвниот квалитет и принципиелната корпоративната политика на компанијата, а ја нагласи и неговата посветеност како долгогодишен поддржувач на спортот и особено филантропијата кој како прв човек на Фондацијата „Трајче Мукаетов“ до сега има стипендирано 539 млади таленти од факултетите по медицина и фармација при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

-Секој од овие големи луѓе, повеќе од сигурно, заслужува посебна церемонија, чест и внимание. Но, со ова заедничко доделување на „Орден за заслуги за Република Северна Македонија“ на Горан Стефановски, Зафир Хаџиманов, Ремзи Несими и Живко Мукаетов, сакаме да ги истакнеме поединците кои ја прават поголемата слика за напредокот на нашата заедничка татковина и благосостојбата на сите македонски граѓани. Верувам дека таа идеја најдобро ја изрази токму Стефановски, кој во една прилика рече: „Дај Боже во годините кои доаѓаат да можеме да се бавиме со ситни теми, со мали радости, со поединечни животи. Да не мораме да решаваме невозможни стратегиски равенки со повеќе непознати. Да ја собереме сета колективна памет на едно место и мудро да ја користиме, а не да ја расфрламе на сите страни, па да не знаеме дали ни е за економија или за култура, за мир или за војна, за лето или за зима, порача претседателот Пендаровски.


Администратор
24/07/2021 02:58