Негирањето на геноцидот и глорифицирањето на воените злосторници се неприфатливи и ја поткопуваат заемната доверба неопходна за напредокот на БиХ на патот кон ЕУ, соопшти денеска американската амбасада во БиХ.

Тоа што Високиот претставник во БиХ, Валентин Инцко, кој наскоро ќе ја напушти функцијата, денеска наметна закон со кој забраната за негирање на геноцидот ќе се казнува со затвор до пет години, „покажува колкаво значење му придава на ова прашање, што е важно за стабилноста на БиХ и го нагласува континуираниот императив дека сите во БиХ треба да придонесат за помирување“, се наведува во соопштението на Амбасадата на САД.

Амбасадата оцени дека Законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик на БиХ, со кој се забранува негирање на геноцидот, е почетна точка за поконкретен разговор и чекори што треба да ги преземат локалните актери во врска со спроведувањето на тој акт.

– Мора да нагласиме дека геноцидот во Сребреница не е тема за дискусија, туку историски факт. Еднакво важно е да се нагласи дека овие страшни злосторства не се одраз или осуда на целиот народ, се нагласува во соопштението.

Се објаснува дека „славењето на воените злосторници од која било страна или непочитувањето на страдањата на која било заедница во БиХ го влошува сеќавањето на жртвите и го поткопува помирувањето“.

Амбасадата ги поздрави сите оние кои работат во БиХ за зајакнување на мирот и попросперитетна иднина, а го поддржа и мандатот на Високиот претставник за следење на спроведувањето на цивилните аспекти на Дејтонскиот мировен договор.


Администратор
23/07/2021 16:19