Фудбалските стадиони да бидат отворени за навивачите за новата сезона, побара денеска Италијанската фудбалска федерација (ФИЦГ) од Владата во Рим.

Во писмото што до владиниот кабинет го испрати претседателот на ФИЦГ Габриеле Гравина, како главен аргумент за барањето се истакнува масовната вакцинација и значителниот пад на бројот на новозаразени со коронавирус во земјата.

Експресна поддршка на барањето на Гравина дојде од италијанскиот првак Интер, чиј извршен директор Бепе Марота истакна оти клубот изминатите две сезони загубил 100 милиони евра приход од влезници.

– Тажно е да се игра фудбал без навивачи на стадионите, а тие би можеле да бидат отворени за навивачите и тоа сите добро го знаеме, без разлика дали станува збор за максимален или делумен капацитет. Милиони луѓе веќе се вакцинираа против коронавирусот, а кога другите би знаеле дека како вакцинирани можат да влегуваат на стадионите, тоа уште повеќе би го зголемило бројот на вакцинирани луѓе во Италија, изјави Марота.