Фудбалерите на Силекс одиграа попладнево во Скопје нерешено 1:1 против Петрокуб од Молдавија, додека екипата на Струга со идентичен резултат се враќа од гостувањето во Летонија кај Лиепаја, во рамки на првите натпревари од 1. квалифкациско коло во УЕФА Конференциската лига.
На комплексот на ФФМ, освојувачот на Македонскиот куп поведе против молдавскиот противник во петтата минута преку Кристијан Додевски, а конечниот резултат на натпреварот го постигна Сергеј Платица во судиското продолжение од првото полувреме.
Фудбалерите на Струга избегнаа пораз во првиот натпревар против Лиепаја во самиот финиш на натпреварот со голот на Бесир Исени во 93 минута, откако претходно домаќините дојдоа во водство во 31 минута преку бразилскиот интернационалец Додо.
Третиот македонски претставник во Конференциската лига, вицешампионот Шкупи, вечерва од 20 часот на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје е домаќин на косовскиот претставник Љапи.
Реванш натпревари се на програмата идниот четврток.