Претседателот на Владата на Македонија Зоран Заев, придружуван од заменик-претседателот на Владата за европски прашања Никола Димитров денеска оствари билатерална средба со австрискиот канцелар и домаќин на Самитот за Западен Балкан во Виена, Себастијан Курц.

Како што соопшти владината прес-служба, премиерот Заев упати благодарност за огромната поддршка на Австрија за Северна Македонија и за европската иднина на целиот регион и го охрабри канцеларот Курц да продолжи со извонредниот и посебен ангажман со што ги мотивира граѓаните на земјите кандидатки да останат фокусирани на европските цели и во исто време ги поттикнува и потсетува земјите членки да ги исполнат своите ветувања кон земјите од Западен Балкан.

– Крајно време е Македонија да ги започне преговорите со ЕУ и да ја интензивира сопствената и регионалната европеизација преку отворањето на поглавјата низ преговорите, е една од заедничките констатации од разговорот, се наведува во соопштението.

Заев и Курц на средбата изразиле задоволство од видливиот раст на австриските инвестиции во Северна Македонија и од големиот интерес за нови економски соработки и проекти во областите обновливи извори на енергија, инфраструктура и здравство.


Администратор
18/06/2021 23:26