Израелскиот Парламент на 13 јуни ја одобри новата влада на земјата со разлика од само еден глас. На состанокот 60 членови на Кнесет го поддржаа новиот кабинет, 59 беа против, а еден беше воздржан, пренесува Дојче веле.

Меѓутоа, по повеќемесечна политичка неизвесност, конечно се појави новата влада во Израел, предводена од 49-годишниот Нафтали Бенет, коосновач на малата крајно десничарска партија Ха-Јамин Ха-Хадаш (Нова десница). Тој го замени Бенјамин Нетанјаху од десничарската партија Ликуд, кој ја извршуваше премиерската функција цели 12 години.

Коалициските договори беа потпишани од осум партии. Ако барем една од новите групи не успее да се согласи за едно или друго прашање, земјата брзо ризикува владина криза.

-Позициите на партиите се разликуваат за многу прашања во надворешната политика, безбедноста, економијата и религијата, изјави Гидеон Рахат, политиколог во Израелскиот институт за демократија. „Истовремено, нив ги обединуваат 90 отсто од работите што ги прават сите влади, без оглед на идеолошките разлики, а имено тоа е секојдневната политика“, смета Рахат.

Претходната израелска Влада се распадна во декември 2020 година, откако партнерите во владеачката коалиција, Нетанјаху и лидерот на централно-левичарскиот блок Сино-бело, Бени Ганц, не успеаја да се договорат за државниот буџет за следната година. Бидејќи Нетанјаху не успеа да формира владина коалиција во определеното време, израелскиот претседател Реувен Ривлин му наложи на Јаир Лапид, водачот на партијата Јеш Атид, да формира нов кабинет.

Нафтали Бенет ќе ја води владата првите две години. Потоа, во согласност со постојните договори за ротација, функцијата ќе ја има лидерот на партијата Јеш Атид, Јаир Лапид.

Лапид (57) му ппредложи на Бенет да се откаже од своето место во замена за влез во неговата коалиција Хајамин ХаХадаш. Претставниците на оваа политичка сила поддржуваат нелегална изградба на еврејски населби во окупираните палестински територии, а исто така се противат на создавање на посебна палестинска држава.

Главната цел што ги обединува е да се спречи Нетанјаху повторно да стане премиер. Какви се елементите вклучени во договорите за коалиција? Пред сè, владата ќе се осврне на економските и социјалните прашања. Државниот буџет мора да се донесе. Исто така, се планира изградба на нови болници и аеродром.

Договорите предвидуваат развој на ново законодавство со кое мандатот на премиерот се ограничува на осум години. Ова ќе го спречи Бенјамин Нетанјаху повторно да се кандидира за функцијата шеф на владата.

Нафтали Бенет јасно зборуваше и за израелско-палестинскиот конфликт и конфликтот со Иран. Израел мора да ги брани „своите национални интереси“ во таканаречената „Ц“ зона, што претставува околу 60 отсто од окупираните територии на Западниот брег.

Неодамнешната 11-дневна војна меѓу Израел и радикалната палестинска група Хамас во Појасот Газа заврши со кревко примирје, а непочитувањето може да стане сериозен тест за новата влада. Бенет го предупреди Хамас за кршење на прекинот на огнот. Ако Хамас „повторно го избере патот на насилство врз Израелците“, тогаш групата ќе биде жестоко одбиена, вети новиот израелски премиер.

Коментирајќи го можниот нуклеарен договор со Иран, за што во моментов се преговара во Виена, Бенет вели : „Израел нема да дозволи Иран да добие нуклеарно оружје. Израел не постигна договор со нив и ќе ја задржи целосната слобода на дејствување“.

Во меѓувреме, многумина обични Израелци се надеваат дека новата влада ќе стави крај на политичкиот хаос во земјата што трае повеќе од две години.

-Никогаш не помислив дека ќе бидат среќни да го имаат Нафтали Бенет за идниот премиер“, рече Ади Редман, жител на Израел.

Гал Нир, уште еден млад Израелец, не е особено ентузијастичен за доаѓањето на Бенет на власт, но се согласува дека беше потребна смената на Нетанјаху.

-Морам да признаам дека тој навистина направи многу. Но, дојде време некој друг да ги преземе работите во свои раце, рече Гал Нир.

Во меѓувреме, вреди да се напомене дека Бенјамин Нетанјаху е под судска истрага, тој е осомничен за корупција. По три години истрага, тој беше обвинет по три точки. Нетанјаху е обвинет за примање скапи подароци и влијание врз информатичката политика на два израелски медиуми.

Дојче Веле, Бон


Администратор
18/06/2021 21:46