На големата сцена „Петре Прличко“ на велешкиот Народен театар синоќа во рамки на завршната свечена програма на годинашните 58 по ред Рацинови средби, Народниот Театар „Јордан Х.К.-Џинот“, Велес премиерно ја изведе претставата „Петтото годишно време“ по текст на Сашо Димоски, во режија на Васил Зафирчев, а во изведба на балерината Олга Панго, која од присутната публика доби долг и силен аплауз за изведбата.

„Петтото годишно време“ е магистерска претстава по театарска режија на Васил Зафирчев, под менторство на проф. Дејан Пројковски на Факултетот за театарски уметности на Универзитетот „Еуропа прима“ во Скопје. Танцтеатарски моноперформанс кој ги истражува и имплементира авторските и уметничките постапки од постдрамскиот театар и танцтеатарот.

Сценографијата, видеото, илустрациите и рекламниот материјал за претставата се на Филип Коруновски. Костимографијата е на Раде Василев, а автор на аудиодизајнот и музиката е Сашко Костов.

„Петтото годишно време“ е претстава за една балерина на 73 години, сместена во старечки дом, која иако боледува од Алцхајмерова болест, грчевито се бори да ги евоцира и оживее најзначајните моменти, настани и случки од нејзиниот минат живот, со цел да стигне до нејзиниот вечен сценски момент, кој практично ќе значи и нејзина конечна физичка смрт, појаснуваат авторите на претставата.

Инаку првата реприза на претставата е во среда на 16 ти јуни, а на 24-ти јуни претставата ќе биде изведена и во рамките на Фестивалот на монодрама во Битола.


Администратор
13/06/2021 17:40