Опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска повторно организираше двочасовен протест под мотото „Доста е, излези за Македонија“.

Во Скопје беа блокирани дел од крстосниците, а, според најавите од партијата, протести се одржуваат и во 10 други градови. Протестите се одржуваат поради, како што велат, продажбата на националните и државните интереси од страна на власта.

Според Љупчо Пренџов, пратениците, јавноста и најголем дел од владините министри не знаат за што се преговара.

– Бараме народот да знае што се случува, Собранието да дискутира, бараме еден општествено политички консензус во врска со преговорите со Бугарија или било кој друг сосед, изјави Пренџов.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на својот Фејсбук профил напиша дека заслужуваме сигурна иднина, но и сочувани корени.

– Ние како политичка партија инсистираме македонскиот јазик, македонскиот идентитет, посебноста на македонската историја, заштитата на македонските национални малцинства да бидат јасни црвени линии при преговорите со Република Бугарија. Од тоа нема отстапување, нема назад, стои во објавата на Мицкоски.


Администратор
10/06/2021 20:10