Русија протера вработен во амбасадата на Република Македонија во Москва како одговор за протерувањето на руски дипломат од Скопје, соопшти руското Министерство за надворешни работи.

– Министерството за надворешни работи го повика в.д. амбасадор на Република Македонија во Руската Федерација. Оливера Чаушевска- Димовска, беше поканета во МНР на Руската Федерација, каде што и беше врачена нота од Министерството за прогласување на вработен во Амбасадата во Москва персона нон грата. Оваа мерка е одговор на македонската страна донесена во мај со која без причина донесе одлука за прогласување на персона нон грата за дипломат на руската амбасада во Скопје, се вели во соопштението од руското МНР.

Протерувањето го потврди и нашето Министерство за надворешни работи, информирајќи дека вршителот на работите во Амбасадата на Република Македонија во Москва, Оливера Чаушевска- Димовска денеска е повикана во Министерството за надворешни работи на Руската Федерација при што ѝ била врачена Нота за прогласување ‘нон грата’ на наш дипломат – аташе од Амбасада на Република Македонија во Москва.

– Министерството за надворешни работи искажува жалење за овој неоснован потег на руската страна, кој претставува политичка одлука базирана единствено на начелото на политичка освета, и која со тоа негативно ќе влијае на интензитетот на билатералните односи меѓу двете земји, се вели во соопштението од МНР.


Администратор
10/06/2021 13:52