Претседателот Стево Пендаровски вели дека доколку Собранието по втор пат го изгласа со потребното мнозинство од 61 пратеник законот за постапување по бесправно изградени објекти, ќе мора да го потпише указот за негово стапување во сила, бидејќи, нагласува, со првото непотпишување се исцрпуваат неговите уставни надлежности.

-Ако ме прашувате за мојата реакција доколку тој би дошол повторно кај мене, ставот е апсолутно јасен. Немам намера да не го почитувам Уставот, да изигрувам некаков претседател кој има тн. џебно вето, да не се произнесувам. Ако тој закон биде изгласан со потребното мнозинство по втор пат, се разбира истиот ден ќе го потпишам иако имам серија забелешки. Според она што го кажа премиерот, ќе бидат земени во предвид, ќе се разговара за нив, меѓутоа тука завршува мојата уставна надлежност. Ако решат буквално истиот текст да го усвојат со потребното мнозинство, 61, немам избор, апсолутно, рече Пендаровски одговарајќи на новинарско прашање по вакцинирањето против Ковид-19 на вакцинален пункт во Куманово.

Претседателот не е сигурен што ќе се случува во иднина со овој закон, бидејќи има најави дека владејачкото мнозинство ќе расправа одново по него и ќе го донесе по втор пат, како и најави од одредени политички субјекти дека со филибастеринг ќе го блокираат.

Ако законот биде повторно усвоен, нагласува претседателот, тој нема да биде задоволен бидејќи останува на ставот дека тој закон не е добар.

-Нема да бидам задоволен, се разбира, јас тоа не го напишав само за да бројам дека сум ставил вето на некој закон. После долги консултации со истакнати правни експерти од кај нас, ми беше сугерирано дека тоа практично не е одржливо во неколку позиции. Она што јавноста претпоставувам го знае, во повторната расправа во Парламентот ако дојде до пленарна расправа таму пратениците може да расправаат или да даваат амандмани само на она што јас сум го напишал во образложението.Тоа се три правни основи, не може на било која друга одредба или дел од законот, рече претседателот Пендаровски.


Администратор
18/05/2021 16:37