Треба да поработиме на суштински реформи и да ја менуваме перцепцијата која сме ја изградиле за неправедност и неказнивост, рече пратеничката од ЛДП Моника Зајкова во гостувањето на 24 Анализа.

- Ветингот мое лично мислење е дека не би донел радикални измени во правосудството. Таму се многу посуштински проблемите и самиот судски совет сметам дека највеќе е на удар на политички влијанија, што е мој личен став, а не став на партијата. Можеби ние во овој состав сеуште немаме закони во област на правосудство, но правосудната реформа бара подолготраен процес и дебата. Но во минатиот состав беше донесен закон за Судски совет и закон за јавно обвинителство и беше пофален дека е напредок плус, иако сметам дека треба да направиме подлабоки промени и реформи, но важно е дека веќе создаваме позитивен пример, посочи Зајкова.

Таа напомена дека во досегашните извештаи можеме да видиме дека земјата бележи напредок и во областа на правото и решавање на проблемите со корупција.

- Имаме напредок, но треба време за спроведување на длабоки реформк и ќе ми биде драго доколку министерството за правда нѐ повика и нас пратениците барем оние кои сме правници да учествуваме во работните групи за подготовка на закони, порача Зајкова.

Таа потсети дека кон државата имаат еднаква одговорност, и власта и опозицијата.

-Ние донесовме одлука дека сме дел од оваа влада и учествуваме во одлуките на таа влада. Културно е да се сослушаме и да имаме културна дебата, со наши идеи да придонесеме законите да бидат подобри. Треба да негуваме поинакво ниво на дебата и дискусија. Сами да си обезбедиме функционалност на државата внатре и на европскиот пат. Во владеачката коалиција сум немала притисок за некое законско решение дека мора да го поддржам, доколку сметам дека не треба. Еве сега ќе биде на дневен ред Законот за субвенциониран студентски оброк и ќе се спротиставам бидејќи не се согласувам со измените кои ги достави коалициониот партнер по однос на тоа прашање.

Повеќе да се фокусираме да ги градиме односите на пријателство. Да иницираме соработка во делот на младински политики, трговија, економија, позитивни практики.

Ултра и етно национализмот нема никаде да не однесе, освен во меѓународна изолација, посочи Зајкова.


Администратор
12/05/2021 11:32